Пријател за сите времиња
30 ден
Во зависност од тоа каква улога и каква активност извршува за човечкиот род, со такво име Исус е именуван. Едно од тие 365 имиња е и името ПРИЈАТЕЛ НА ГРЕШНИЦИТЕ. Замислете! А знаете ли зошто е наречен така во Библијата? Затоа што се дружел со најпрезрените луѓе, најзапоставените, со сиромашните, со обесправените – со оние коишто биле на дното на општеството. Верската елита од тоа време не можела да го прифати таквиот Негов однос кон луѓето. Токму тоа било една од главните причини зошто не Го прифатила како ветениот Месија испратен од Бога. Поради тоа верската елита го нарекла ПРИЈАТЕЛ НА ГРЕШНИЦИТЕ, со намера да Го понижи и дискредитира. Но Исус не се побунил против тоа име. Напротив, Тој го прифатил со задоволство. Тоа ословување не Му пречело. Кога Го прашале зошто се дружи со таква категорија луѓе, Исус одговорил: „На кого му треба лекар, на болниот или на здравиот?“ (Евангелие според Матеј 9,12). Исус сакал да ѝ помогне на оваа отфрлена и занемарена категорија на луѓе и затоа сакал да биде Пријател со нив. Она што верската елита го користела како навреда, Исус го прифатил како чест и како сведоштво за Неговата мисија.
Ете таков е Исус, готов да прифати и помогне на секого, буквално на секого. Со право е наречен Пријател на грешниците. Тој дошол на оваа земја токму за да ни биде пријател. Со својата мисија сакал да го спаси човекот од гревот, кој како жив песок секој ден го јаде човештвото. За да ја исполни својата служба, Исус се дружел со сите луѓе – без оглед на нивната национална припадност, раса, боја на кожа, верско уверување или положба во општеството.













Мислења