„Не“ може да биде и позитивно

Во текот на еден од првите денови на новата работа, на едно момче, ученик, работодателот му понудил голема чаша пиво. „Не, ви благодарам“, одговорило момчето. Овој одмерен одговор го налутил работодателот. Веднаш налутено извикнал: „Ние овде немаме никакви трезвеници.“

„Сè додека сум јас овде, ќе биде еден“, одговорил ученикот.

И понатаму мошне лут, работодателот се заканувал: „Слушај, момче, внатре или надвор, ти ќе го испиеш ова пиво!“

„Добро“, одговорило момчето, „можете да постапите како што сакате. Денеска јас дојдов со чиста облека и со чист карактер. Вие можете да ми ја упропастите облеката, ако сакате, но не можете да ми го извалкате карактерот.“

Постоењето на висока цел во личниот живот и придржувањето кон одредени мерила може да го измени секој човек. Но дали е тоа она што најмногу вреди?

Во Осло постои споменик што станал прочуен поради тоа што на него е врежан само еден единствен збор: НЕ! Овој натпис, иако составен од еден збор, ја чува историјата на еден од најголемите херои на Норвешка од времето на Втората светска војна, Лерис Сандо. Окупаторските војници го заробиле и го обвиниле за врска со Движењето на отпорот. Го затвориле, сурово го сослушувале и го мачеле. Но на сите нивни прашања единствен негов одговор бил НЕ! На крај умрел од последиците на свирепото мачење. Ништо не можело да ги натера да ги открие тајните и со тоа на другите да им ја одземе слободата или животот.

Иако НЕ го сметаме за негативен одговор, тоа може да има позитивно значење. За нашиот јунак неговото НЕ било израз на неговата доверба во она што е праведно и вистинито, на неговата љубов кон својот народ и земја, на неговата верност кон идеалите.

Позитивниот став кон животот, кон она што издигнува и изградува, не се гледа само во зборот ДА. Слично значење добива и зборот НЕ кога со него го одбиваме она што урива и уништува.

Горниот текст е извадок од книгата:

Кошничка

Pin It on Pinterest