Тоа дете требаше да биде нејзино прво дете. Просторијата која толку долго беше чувана за „бебето“ беше добро исчистена, а подот изгланцан. Ѕидовите беа украсени со слики со разиграни понија и легнати кученца.
Внесена е нова убава колепка. Во полн сјај стоеше среде собата. Нозете на кои стоеше беа покриени со богато набрана завеса од бела свила, украсени со свилена лента. Внатре, над нежното жолто ќебенце, имаше два пара внимателно исплетени чевлички од волна. Едниот пар беше со црвена, а другиот со сина боја.
Кога ѝ дојде првата болка, почувствува возбуда, затоа што тоа долго очекувано случување само што почнуваше. Но во времето кога веќе беше примена во болница, чувствуваше дека нешто не е во ред. Докторот ѝ ја зеде раката, раката која сега стана толку бледа што сините вени јасно ѝ се оцртуваа на кожата. Ја држеше така неколку моменти без зборови, на мошне професионален начин, но со нескриено внимание и сочувство. Потоа ѝ кажа дека настапиле некои тешкотии.
Неопходно беше веднаш да се изврши операција. Многу љубезно ѝ објасни дека операцијата мора да се изврши за да се спаси нејзиниот живот. За детето веќе ништо не можеше да се направи.
Докторот подоцна кажуваше како таа вест ја скршила оваа жена. Во голема мака и во длабока безнадежност, побарала веднаш да се види со својот сопруг и со својот проповедник. Според учењето на црквата во која припаѓала, постоел обред што требало да се изврши во ваква ситуација. Бидејќи била посветен верник, таа со голема сериозност побарала да се изврши тоа.
Докторот веднаш по телефон го повикал нејзиниот свештеник и му објаснил што се случило. Го замолил брзо да дојде. Човекот на другата страна од кабелот одговорил дека е во тој момент презафатен со некоја работа. Рекол дека многу повеќе би му одговарало да намине во болницата утредента, затоа што тогаш ќе имал повеќе време. Додал дека во вакви околности и самиот доктор или медицинската сестра, можат да ги извршат работите, со што би се задоволило спроведувањето на неопходниот обред околу детето. Потоа ја спуштил слушалката.
За многумина грев е да не се верува во она во што треба да се верува. Или, да не се послуша она што навистина треба да се послуша. Тие мислат дека направиле грев само тогаш кога ги прекршиле Десетте заповеди. Меѓутоа, да се ограничува гревот само на ова значи да се нема правилно сфаќање на гревот. Тоа е целосен пропуст во сфаќањето на неговата суштина и на вистинската опасност.
Постои текст во Книгата на пророкот Исаија, кој гласи: „Сите скитавме како овци“ (Исаија 53,6). Лесно можеме да го протолкуваме значењето на овие зборови дека е секое човечко суштество грешник. Меѓутоа, пророкот во овој текст не останува само на оваа основна вдахновена забелешка. Тој настојува да даде впечатлива библиска дефиниција за гревот, додавајќи: „и секој одеше по својот пат“.
Ете, тоа е грев! Тоа е кога се ставаме самите себе на првото место, додека на Бога и на останатите им припаѓа второто место. Тоа е одење по сопствениот пат без оглед на тоа колку е тој пат „исправен“ или „добар“ или „морален”, додека патот по кој Бог сака да одиме го запоставуваме или не го прифаќаме.
Според зборовите на Господ Исус, Божјиот пат, суштината на вистинската побожност е да се сака Бог и да се сакаат луѓето со сето свое срце, со душата и со мислите. Логично е да се заклучи дека суштината на гревот е да не се сака.
Во животот се случува вака: правиме грев не покажувајќи ја љубовта, затоа што пред сè сме преокупирани со потребата да ги задоволиме сопствените потреби, додека потребите на другите човечки суштества ги запоставуваме. Тоа е вртење кон сопствениот пат. Токму тоа го направил свештеникот кога не дошол во болницата дента кога младата жена го повикала во момент кога имала голема потреба.
И светот и црквата се полни со такви што вака му скратуваат и на Бога, и на луѓето. Повеќето од нив воопшто не ја сфаќаат грешноста на својот себично насочен начин на живот. Повеќето, дури и оние што се сметаат за христијани, се толку ревносни, толку страсно насочени кон задоволување на сопствените потреби, целосно зачаурени во лушпата на сопствената себичност, што воопшто не се интересираат за потребите на другите.
Влада составена од луѓе што вака мислат и дејствуваат, на крајот би ја уништила и најсилната нација. Ако во управата на некоја работна организација има луѓе во чие срце не постои грижа за доброто на останатите, многу брзо ќе се оптовари целата заедница.
Црквата чиишто верници се навикнале да ги запоставуваат потребите на другите, без оглед на исправноста и вредноста на нејзината теологија, не му служат ниту на Бога, ниту на луѓето. На многу искрени напори во делото на објавување на евангелието често им недостига овој неопходен, за животот важен фактор љубовта. Наместо факелот да се пренесува, со него често несмасно се ракува. Пламенот на љубовта речиси е изгаснат.
Примерот што го потврдува овој став се наоѓа во искуството на ефесјанската црква. Начинот на кој на почетокот нејзините верници му служеле на Бога бил многу угоден на Господа, затоа што со откривањето на Исусовиот дух небесната светлина отсјајувала во нивната љубов и сочувство.
За жал, дошло време кога ја запоставиле Божјата љубов. Наместо љубовта, се појавиле други особини. Се вовлекла себичноста. Вниманието насочено кон блиските, брзо паднала под власт на желбата да се оствари лична полза. Христијаните во Ефес почнале да ја запоставуваат својата најголема должност – да ја откријат Божјата љубов на светот. Престанале да ги пренесуваат Исусовата љубов и сочувство. Конечно, го изгубиле она што некогаш им било сè.
Пламенот се изгаснал.
Во текот на својата долга историја, христијанската црква постојано ја повторувала ова трагична грешка. На крајот, еве јасна опомена дека последната, лаодикејската црква, ќе ја направи истата страшна грешка. Таа ќе се најде во состојба кога нејзината најголема потреба ќе биде вистинско, делотворно искуство на Божјата љубов. Верниот сведок ќе биде присилен да ја советува и да ја опомене дека нејзината единствена надеж се наоѓа во нејзиното ревносно барање „во оган прочистено злато“. Златото на љубовта.
Оваа Црква е напредна црква. „Богат сум и се збогатив“. Таа е успешна… Способна. Сама на себеси доволна. Има сè. Ништо не ѝ недостасува – освен љубов.
„Состојбата на многумина, меѓу оние што се нарекуваат деца Божји претставено е токму во веста на лаодикејската црква“, напишала вдахновената писателка Елена Вајт. „Оние што имаат познавање од вистината, не ја познаваат во целост колку што би можеле. Тие не дозволуваат Исусовата љубов да влезе во нивните срца и во нивниот живот“.
Црквата денес има стручни проповедници чијашто елоквентност и способност прави совршен спој за извршување на особената работа за објавување на вистината и охрабрувачката вера.
Црквата има стручни администратори – луѓе чиешто управување и работење, според вредноста, не е ништо помало од она на раководителите на угледни фирми.
Сето ова е добро и на свое место. Нема сомнеж, сето тоа е важно и неопходно. Но кажете ми нешто: каде се во црква стручњаците за сакање?
Каде се оние што имаат способности да ги задоволат длабоките потреби на срцата на исплашените луѓе, луѓето што живеат во овој свет соочен со смртта? Каде се оние што се грижат? Оние што имаат разбирање? Оние што имаат време да сослушаат? Оние што знаат да сочувствуваат, да ја поднесат туѓата неволја?
Некое момче од Харлем се сретнало еден ден на аголот од улицата со проповедникот кој многу пати му тврдел дека Бог го сака. Бидејќи и во таа ситуација му го кажал тоа, момчето одговорило: „Мачно ми е и уморен сум од слушање како луѓето зборуваат за љубовта. Сaкам да ја видам љубовта што има раце и нозе“.
Има ли во Црквата некој што сака да му помогне на ова момче?
Каде се стручњаците што можат да ја преточат Божјата љубов во зборови, како што можел и Исус? Зборовите, кои можеле да се вклопат во речникот на грубите рибари или на некоја необразована жена од улица?
Каде се личностите што ќе можат веднаш да ја објават Божјата љубов со самиот израз на своето лице, со тонот на својот глас?
Каде, каде се стручњаците за љубов? Човештвото, кое е на патот на пропаста, веќе долго го чека задоцнетото излегување на сцена на најдлабоките човечки потреби.
На светот ништо друго не му е толку потребно како човечките суштества што се подготвени еден на друг да си ја откријат љубовта на Спасителот. Целото Небо чека на мажите и жените со чија несебична помош Бог може да ја открие оваа незадржлива сила на христијанството.
Бог е љубов а ти?
Горниот текст е извадок од книгата: